Германскиот министер за здравство Јенс Шпан повика на забрзување на процесот
Постапката за одобрување на вакцина против коронавирусот во Европската унија не може да се одвива побрзо, но одлука би можела да се донесе пред 29 декември, изјави Емер Кук, директорка на Европската агенција за лекови (ЕМА).
„Деноноќно работиме на одобрување на првата вакцина против ковид-19“,
рече таа и додаде дека роковите „постојано повторно ќе се проценуваат“.
Нејзината изјава следува откако германскиот министер за здравство Јенс Шпан повика на забрзување на процесот.
Велика Британија прва одобри вакцина изработена од фармацевтските компании „Фајзер“ и „Бионтек“, а САД вчера започнаа со вакцинација.
За разлика од САД и Велика Британија, Европската Унија не издава итни одобренија за вакцини, што значи дека постапката мора да се спроведе со вообичаени испитувања.
„Нема компромис за безбедноста“,
нагласи Кук.
Американските производители на вакцина „Фајзер“, „Бионтек“ и „Модерна“ веќе поднесоа барања за одобрување на нивната вакцина во Европа.
