Гугл не објасни зошто беше попречена работата на нивните сервиси
Денешниот получасовен пад на системот на апликациите на Гугл во целиот свет, вклучувајќи ги и Јутјуб, електронската пошта Џи-мејл и Гугл докс, предизвика голема загриженост кај милиони луѓе и огромен број компании кои не можеа да ја остварат секојдневната комуникација и да пристапат до неопходните материјали.

Прекинот почна утрово во Велика Британија, а корисниците ширум светот пријавија проблеми со Џи-мејл, Гугл драјв, Андроид плеј стор, Мапс и многу други апликации.
Според Би-би-си, проблемот е дотолку поголем што многу поединци и компании за своите основни апликации за работа се потпираат на сервисите на Гугл, како што се е-поштата и календарите.
Гугл не објасни зошто беше попречена работата на нивните сервиси, иако падот погоди повеќе од две милијарди корисници кои се загрижени за нивните деловни и приватни податоци складирани од сервисите на Гугл.
Иако проблемот со сервисите на Гугл траеше кратко, помалку од еден час, според медиумите, тоа е вознемирувачко потсетување за тоа како милиони луѓе станаа зависни од виртуелни услуги.
Ваквите дефекти во системите на Гугл се ретки, иако проблемот со некои сервери и во јуни 2019 година им предизвикаа тешкотии на корисниците во САД. Во овој случај, „виновникот“ беше промената во поставките на серверот, кој требаше да се примени на неколку уреди во одреден регион, но тој случајно се аплицирал на многу повеќе.
