179 работодавачи добиле финансиска поддршка за исплата на плата на вработените за октомври, во рамки на четвртиот пакет мерки, а не им ја исплатиле платата на вработените, информираше директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.
Таа рече дека станува збор за износ од 5 271 776 денари кои требало да им бидат исплатени на 338 работници.
Списокот на компаниите ќе биде денеска доставен до Генералниот секретаријат на Владата кој треба да го објави јавно. Ќе следуваат опомени, па присилна наплата, но и барање за кривична одговорност.
„Од овие работодавачи кои не исплатиле плата за октомври, а зеле поддршка од државата, 40 се од дејноста трговија на мало, кои примиле финансиска помош од 968 254 денари и на 63 вработени не исплатиле плата, 23 фирми се од дејноста подготовка на оброци и служење храна кои добиле финансиска помош од 830 614 и на 55 вработени не исплатиле плата, 12 фирми се од дејноста транспорт со финансиска поддршка од 418.512 денари и на 25 вработени не исплатиле плата. Тука влегуваат и дејностите трговија на големо, изградба на зграда, трговија на големо и мало со автомобили и мотоцикли“,
истакна Лукаревска и додаде дека 52 од овие фирми се од Скопје, 41 од Тетово и 15 од Гостивар.
Дваесет и четири даночни обврзници, пак, кои побарале за дел од своите вработени поддршка преку конечна пресметка, а за дел со исправка, за 506 вработени примиле 2 005 437 денари, но не извршиле исплата на дополнителен износ по поднесените исправки од 99 186 денари. Тоа, како што рече Лукаревска, се компании од трговија на големо, подготовка на оброци и служење храна, останата производствена индустрија, а најголем дел – три се од Скопје, три од Битола и по две од Гостивар и Неготино.
На работодавачите што користеле финансиска поддршка, а не исплатиле плата доставени се опомени, по што следува постапка за присилна наплата.
„Во ваков случај се предвидува глоба од 500 до 1 000 евра за микропретпријатие, од 500 до 2 000 за мало претпријатие, од 1 000 до 6 000 евра за средно претпријатие и од 1 000 до 10 000 евра за големо претпријатие“,
истакна директорката на УЈП.
Таа потенцира дека се уште има фирми кои не ја исплатиле платата иако зеле финансиска поддршка за април, мај и јуни.
„За компании што не исплатиле плата за април, мај и јуни, спроведена е присилна наплата. Платата не е наплатена кај 55 работодавачи за април, 48 за мај и 82 за јуни. 149 немаат исплатено за само еден месец, 25 за два месеца и пет за сите три месеци, април, мај и јуни. За овие компании се доставени податоци и до Јавното обвинителство за покренување кривични постапки и ќе ги доставиме до Генералниот секретаријат на Владата за да се направи нивно објавување“,
рече Лукаревска.
Таа додаде дека кај компаниите кои не исплатиле плата, а зеле поддршка, ќе се спроведе и детална контрола по сите видови даноци. Заедно со Државниот инспекторат за труд ќе се извршат контроли и кај компаниите кои исплатиле пониска од минималната плата.
„Секој што го прекршил законот ќе одговара. Можеби овие санкции се премеки, меѓутоа не застанавме тука, спроведувавме постапки за присилна наплата, спроведуваме, а и во иднина ќе спроведуваме. Отворени се соодветни налози што треба да се предадат на инспекторите кои треба да влезат во овие компании за да се види какво било нивното работење. Соодветна соработка ќе имаме и со ДИТ. Построги мерки треба да има. Исто така, и оваа јавна објава сметавме на почетокот ќе вроди со плод, но очигледно на оние што мислат дека ќе го изиграат законот нема да им помине. Покрај оваа листа ќе објавиме уште три листи кои од април немаат направено исплата на плата“,
рече Лукаревска.