Албанската полиција денеска соопшти дека ќе забрани собирање на повеќе од 10 лица во Тирана, откако петти ден по ред во албанскиот главен град се одржуваат протести проследени со нереди поради убиството на 25-годишно момче од страна на полициски специјалец.
Во соопштението се наведува дека полицијата е свесна за правото на луѓето да протестираат, но судството работи на случајот со убиството и ги презема сите мерки против убиецот. Но, бидејќи протестите се претвориле во немири и уништување на имотот, полицијата одлучила да не толерира никакви собири.
Истовремено, полицијата ги повика граѓаните да ги почитуваат мерките за спречување на ширење на коронавирус, за да не дојде до повторно затворање на границите.

Во Тирана синоќа беше одржан петтиот по ред протест за убиството на 25-годишниот Клодјан Раша од страна на полициски специјалец, но, за разлика од претходните, мина помирно и со многу помало присуство на демонстранти.
