Северна Македонија е скратено име од РСМ и не значи територијални претензии, додека за прашањето за малцинствата, тоа е регулирано во Договорот за добрососедство и пријателство, како немешање во внатрешните работи, рече Заев
Ние сме подготвени, ако Бугарија сака во нота, меморандум, изјава, декларација, протокол, што и да е, кој би можел да се потврди од Владата и да биде усвоен на меѓувладина конференција, дека немаме територијални претензии ниту кон Бугарија ниту кон кој било сосед, вели премиерот Зоран Заев одговарајќи запрашан да го коментира она што бугарскиот премиер Бојко Борисов го истакна како проблем во односите со С Македонија.
„Северна Македонија е скратеното име од РСМ и е политички идентитет на РСМ, и ништо повеќе и ништо помалку. Немаме територијални претензии кон ниедна територија на Бугарија ниту на која било друга соседна земја. Во однос на прашањето за малцинствата, загриженоста на Бугарија е покрената од постапката во ЕП, но ние, како што тоа јасно го декларираме во Договорот за добрососедство и пријателство, не се мешаме во внатрешните работи, не сме се мешале ни досега, како што не се мешала ниту една влада досега, иако некои покажуваа мускули по ова прашање. Тоа е регулирано со меѓународни договори, а ние во Договорот во член 11 јасно декларираме немешање во работите таму, ниту на Бугарија тука“,
истакна Заев на денешната прес-конферецнија по повод 100 дена Влада, каде едно од прашањата кое доминираше беше токму ветото од Бугарија на усвојувањето на преговарачката рамка со ЕУ.
Како акт на добрососедство и пријателство тука Заев ја истакна одлуката токму Бугарија да биде друга земја членка на НАТО, покрај Грција, која ќе го чува нашето небо, истакнувајќи дека вакви понуди сме добиле и од Турција и Италија.
Она што Заев уште еднаш го кажа е дека очекува обете влади ја охрабрат Мешовитата комисија за историско-образовни прашања да продолжи со својата работа, а владите да работат на остварување на Акцискиот план кој предвидува, освен инфраструктурна соработка, и соработка во областа на културата, образованието, младите, спортот, здравството.
„Не гледам нешто што е неисполнето, можби има застој во динамиката. Ние, во изминатите 20 месеци работа на комисијата, имаме успеси постигнати повеќе од кои било земји. Коридорот 8 се гради, експресниот пат. Точно е дека имаме проблеми со железничката пруга, изградени се 51 отсто, а требало да е преку 80, но очекуваме да се работи и од бугарска страна. Договорот треба да го исполнуваме двете страни, а значајна обврска на Бугарија преземена во членот 2 од Договор е да ја поддржува С Македонија во интеграциите во ЕУ“,
рече Заев.