Судечкиот совет во случајот „Монструм“ спречил судскиот процес за петкратното убиство кај Смилковско езеро во 2012 година, повторно да врати на почеток.
Овој случај се суди по стариот Кривичен законик, според кој предметот се враќа на почеток ако 60 дена не се одржи рочиште (во новиот закон се предвидени 90 дена).
Според соопштението кое го објави Основниот кривичен суд – Скопје, еден од адвокатите на обвинетите, Асмир Алиспахиќ, има доставено решение дека е позитивен на ковид-19, а претходно од други причини отсуствувал и на рочиштата кои биле закажувани во претходните 40 дена.
„Судот му предложи на адвокатот Насер Рауфи, кој нема спротивставена одбрана со другите бранители да го замени отсутниот колега – адвокат. Но истото беше одбиено. Дополнително беше предложено, доколку расправата се одложи, на следната расправа судењето формално да почне од почеток, заради проток од 60 дена, но само со читање на досега изведените докази. Но, и тој предлог наиде на несогласување и адвокатите без дозвола од судот и какво било оправдување, ја напуштија судницата“,
велат од Кривичен.
За да не се врати судењето на почеток и да има ново одолговлекување, од судот на сите обвинети за денешното рочиште им определиле адвокати по службена должност. Од Кривичен потенцираат дека тоа е направено од неколку причини: поради сензибилноста и комплексноста на предметот; целисходност на постапката; доследно почитување на судењето во разумен рок, заштита на правата на оштетените семејства, но и на обвинетите кои се наоѓаат во притвор.
По назначувањето на адвокати по службена должност, рочиштето продолжило само со презентација на еден материјален доказ – известување за изработен вешт наод и мислење.
Следното рочиште е закажано за 24 декември.
Од судот додаваат дека заради денешното недолично и недозволено однесување на адвокатите одлучиле да ги казнат и да ја известат и Адвокатската комора.
Во случајот „Монструм“ обвинети се пет лица: Африм Исмаиловиќ и Алил Демири кои се во бегство во Косово и со години не може да се екстрадираат; Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири и Сами Љута.
Петтемина еднаш беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток.
Во јануари годинава, пак, една поротничка во судечкиот совет си даде оставка, а поради промена во составот на советот процесот требаше да се врати на почеток. Меѓутоа, обвинетите и нивните адвокати тогаш се согласија судењето да продолжи од онаму каде што беше застанато.
Судечкиот совет во „Монструм“ го сочинуваат судиите Огнен Ставрев, како прв судија, и Осман Шабани, како втор судија, како и тројца поротници.
Во петкратното убиство кај Смилковското Езеро на 12 април 2012, за кој се води овој случај, настрадаа четири момчиња: Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.