Здружението на новинарите за пресудата ќе ги известат сите релевантни меѓународни организации
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) смета дека е срамна пресудата на Граѓанскиот суд Скопје со која се одбиваат тужбените барања на новинарките Наташа Стојановска и Душица Мрѓа за повреда на нивните права и бараа отштета од државата за настаните од 27 април 2017 г. во Собранието.
Од Здружението сметаат дека пресудата е на штета на новинарите и на слободата на изразување во нашата земја и најавија дека за пресудата ќе ги известат сите релевантни меѓународни организации.
„Оваа пресуда е пропуштена можност да се заштитат правата на новинарите и претставува уште еден доказ дека постојат двојни стандарди за судот кога се во прашање политичари и новинари. Потсетуваме дека во случајот со групата политичари, Основното јавно обвинителство по службена должност покрена постапки и кривичниот суд осуди со затворски казни група на граѓани, а во случајот на новинарите самите беа оставени да покренуваат приватни тужби“,
се вели во соопштението.
Од ЗНМ го посочуваат и образложението на судот во пресудите, според кое новинарките не доставиле докази од кои може да се утврди дека на 27 април 2017 година се случиле јавни демонстрации пред Собранието, иако во тужбата се доставени видеозаписи од случувањата пред Собранието.
„Фактот што судот не признава повреда на правото на слободата на изразување и бара од новинарите да докажат општо познати факти, дека имало упад во Собранието од страна на лица кои јавно демонстрирале на 27 април 2017 година е тенденциозен и претставува преседан во контекст на овој случај. Исто така, небулозно е тврдењето на судот дека новинарите немале право да бараат надомест на нематеријална штета за претрпени душевни болки и наведува дека двете немале телесни повреди. Скандалозен е фактот што судот не признава дека душевната болка, страв и траума кој биле доживеани од страна на присутните новинари е проблематично и притоа се имплицира дека немале телесни повреди тужителите“,
наведуваат од ЗНМ.