Во очекување на одлуката на највисокиот суд, правните експерти оценуваат дека ова е уште еден очаен обид на Трамп да истурка неосновани теории на заговор за неговиот украден втор мандат
Иако сите 50 сојузни држави ги потврдија изборните резултати и Врховниот суд веќе го отфрли барањето од републиканците од Пенсилванија за блокирање на изборните резултати во оваа држава, пред судиите се наоѓа нова контроверзна тужба од Тексас, поддржана од претседателот Доналд Трамп, зад која стојат 17 федерални држави каде што на чело се републиканци.
Тие бараат од Врховниот суд итна наредба за поништување на гласачките ливчиња кои пристигнале по пошта во четири сојузни држави – Џорџија, Висконсин, Мичиген и Пенсилванија – иако нема конкретни докази за голема измама.
Кој тужи?
Државниот обвинител на Тексас, Кен Пакстон, ја поднесе тужбата во вторникот. Во средата Трамп поднесе предлог за интервенција – што во основа е барање за приклучување кон тужбата, зад која стојат седумнаесет држави на чие чело се републиканците.
Што бараат републиканците?
Во суштина, тие бараат да се сврти изборниот резултат. Се бара судот да ги блокира гласовите од Џорџија, Висконсин, Мичиген и Пенсилванија, со што Бајден би паднал под минималниот број од 270 изборни (електорски) гласа потребни за победа.

Прво, судот ќе треба да му дозволи на Пакстон да ја поднесе тужбата. Следниот чекор што се бара е судот да донесе забрана за верификација на резултатите и да го суспендира гласањето во Изборниот колеџ, со тоа што ќе утврди дека четирите држави дозволиле огромен број, на како што ги нарекуваат „незаконски“ гласови да влезат во резултатот, да им наложи на државите да спроведат пребројување и тие повторно да се достават.
Дали ова е преседан?
Експертите велат дека не е преседан и објаснуваат дека накусо, претседателот бара од Врховниот суд да ја искористи својата надлежност за ефективно целосно да ги поништи претседателските избори. Во Врховниот суд има 6 судии – конзервативци.
Но, дали тоа гарантира дека Трамп ќе победи?

Сепак, не, велат аналитичарите, бидејќи Судот досега не покажал намера да интервенира во претседателските избори. Во вторникот тој ја отфрли тужбата од републиканците во Пенсилванија за поништување на претседателските гласови во оваа сојузна државата.
Трамп јавно сугерираше дека се надева дека судиите што тој ги номинира – Ејми Кони Барет, Брет Кавано и Нил Горшуч – ќе застанат на негова страна при каков било изборен спор.
Кога може да се очекува одлуката на судот?
Врховниот суд поминува низ стандардни процесни протоколи. Судиите реагираа брзо во одбивањето на тужбата во Пенсилванија во вторникот, иако можеа, како и во другите случаи поврзани со изборите, подолго да го анализираат случајот. За разлика од вообичаената процедура за прифаќање на една тужба, во овој случај, ќе биде потребна согласност од пет судии за да се прифати тужбата. Ако судот ја одбие, тоа ќе биде уште еден неуспешен обид на Трамп и ќе води сѐ поблиску до негов конечен изборен пораз.
Доколку пак ја прифати, тоа ќе биде уште еден драматичен и невиден пресврт на изборите во 2020 година, што му овозможува на Трамп и натаму да ѝ пркоси на победата на Бајден.
Што е оригинална јурисдикција?
Тоа што Пакстон може да покрене тужба против други држави и тоа директно до Врховниот суд, во САД се нарекува пракса на „оригинална јурисдикција“ која се користи исклучиво за решавање меѓудржавни спорови кои не можат да се решат на друго место: несогласувања околу границите или тужби за правата на користење вода и слично.

Но, за да може да се прифати ваквата тужба, судиите прво треба да се согласат дека спорот не може да се реши во другите пониски, федерални судови.
Тужбата вклучува неколку исти тврдења што државните и федералните судови веќе повеќе пати во текот на минатиот месец ги отфрлија, а се во врска со наводна измама на гласачите и се оспорува законитоста на гласањето по пошта.
„Користејќи ја пандемијата со ковид-19 како оправдување, официјалните лица во клучните држави го узурпираа авторитетот на нивните законодавни тела и неуставно ги ревидираа изборните статути на нивните држава“,
пишува во тужбата.
Тука се посочуваат гласачките ливчиња по пошта, за кои се вели дека се ставени „во кутии“ со „мал или никаков систем на контрола“, без доволно ниво на проверка на потписот и изјави на сведоци, кои во тужбата се нарекуваат „најсилните безбедносни мерки за заштита на интегритетот на гласачите“.
Кој е адвокатскиот тим на Трамп?
Кампањата на претседателот ја застапуваат поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани и адвокатката Џена Елис. Но, во овој случај, ангажиран е Џон Истман, познат како поддржувач на расистичката теорија на заговор – зад која подоцна застана и самиот Трамп – тврдејќи дека новоизбраната потпретседателка Камала Харис можеби не е подобна за функцијата бидејќи нејзините родители биле имигранти.

Трамп, исто така, побара во тимот да се вклучи сенаторот од Тексас Тед Круз – поранешен правобранител на оваа сојузна државата – кој усно би го образложил случајот пред Врховниот суд.
Во очекување на одлуката на највисокиот суд, правните експерти оценуваат дека ова е уште еден очаен обид на Трамп да истурка неосновани теории на заговор за неговиот украден втор мандат.
