Магазинот „Tајм“ ги избра идниот американски претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис за личности на годината.
„За промена на американската приказна, за покажување дека силата на емпатијата е поголема од онаа на гневот и поделбите, за споделување визија за заздравување во светот кој се соочува со болен период“,
се наведува образложението од главниот уредник на списанието Едвард Фелсентал.
Бајден и Харис победија на претседателските избори на 3 ноември, откако водеа претпазлива, но, сепак, фокусирана кампања, ветувајќи дека ќе ја обединат земјата, ќе го прекинат хаосот што го предизвика Доналд Трамп и дека ќе се зафатат со борбата со пандемијата со коронавирусот, што драматично се рашири низ САД.
Бајден (77) поголемиот дел од својот живот го помина работејќи во Вашингтон и како потпретседател на Барак Обама, додека Харис е првата Афроамериканка жена и првата личност од азиско потекло што ќе биде заменик-претседател на САД.
Во потесниот избор, покрај Бајден и Харис, беа и актуелниот претседател Доналд Трамп, здравствените работници, главниот американски експерт за инфективни болести Ентони Фаучи и Движењето за расна правда.
Оваа традиција на „Тајм“ потекнува од 1927 година, започнувајќи како „Човек на годината“, по што името подоцна е променето во „Личност на годината“, што се доделува на поединец, група, движење или идеја со најголемо влијание во изминатата година.
