Предвидено е да се попишуваат: државјани на Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во државата, без разлика дали во моментот на попис се во земјава или во странство; странски државјани кои престојуваат тука со одобрение за престој; и лица без државјанство кои во моментов на спроведувањето на пописот ќе бидат затекнати во земјава
Почна собраниската расправа, во прво читање, за предлог-законот за попис, со кој е предвидено оваа статистичка операција да се спроведе в година во април.
Разгледувањето на предлог-законот почна во Комисијата за европски прашања, како матична комисија со оглед на тоа дека предлог-законот е поднесен со европско знаменце.
Токму на тоа реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи дека се прави злоупотреба. Според пратеничката Жаклина Пешевска, овој предлог-закон треба да се биде во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Повторно, рече таа, се повикувате на европско знаменце и усогласување со европски директиви, а тоа усогласување со предложениот закон не го правите. Според неа, тие како опозиција не ја спорат потребата од донесување закон за попис, туку начинот на кој тоа се прави, со злоупотреба на европското знаменце.
Претседателот на Комисијата за европски прашања од редовите на ДУИ, Арбер Адеми, пак, одговори дека токму ова тело е матично, а се повика и на член 79 од собранискиот Деловник согласно кој не може на пленарна седница да се разгледува закон кој се усогласува со европски директиви, ако не е разгледуван на Комисија за европски прашања.
Бидејќи е со европско знаменце, дебата во оваа собраниско тело ќе трае три дена.
Министерството за правда е официјален предлагач на овој закон, а заменик-министерот Агим Нухиу на дебатата порача дека со ова законско решение пописот ќе ги опфати сите граѓани.

„Свесни сме за важноста на овој попис на населението, домаќинствата и становите за сите граѓани, опфаќајќи ги и граѓаните на Северна Македонија кои моментално се наоѓаат привремено во странски држави. Сакам да ве убедам дека сите граѓани на Северна Македонија каде и да се наоѓаат, во земјава или во странство, не сме ги изоставиле од овој предлог-закон“,
рече Нухиу.
На ваков начин, според него, ќе се стави крај на секој обид за манипулација или искривување на податоците во однос на пописот на граѓаните во земјава врз основа на етничката припадност.
„Македонците, Албанците и другите кои живееме во оваа земја кои сме државјани со години наназад ќе може да се попишеме толку колку што сме и тие кои што сме“,
рече зменик-министерот.
Што предвидува предлог-законот?
Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите беше поднесен во мандатот на претходната влада на СДСМ и ДУИ, но беше заглавен година и половина.
Во документот на официјалната веб-страница на Собранието датумите за извршување попис се однесуваат на 2020 година бидејќи тој првично беше планиран да се спроведе оваа година, но поради несогласувањата меѓу партиите, а потоа и предвремените избори, плановите се поместија за в година.
Според одредбите во предлог-законот, предвидено е да се попишуваат: државјани на Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во државата без разлика дали во моментот на попис се во земјава или во странство; странски државјани кои престојуваат тука со одобрение за престој; и, лица без државјанство кои во моментов на спроведувањето на пописот ќе бидат затекнати во земјава.

За државјаните на Северна Македонија кои се со престој во странство предвидено е податоците да може да ги дава полнолетно лице на кое иселеникот му е најмногу познат, и притоа оној што ги дава податоците ќе треба да го даде и својот и матичниот број на тој што е во странство. Исто така, за овие лица се предвидува и можност сами да се попишаат преку посебна апликација на веб-страницата на Државниот завод за статистика.

Пописот нема да ги опфати претставниците на странските дипломатски конзуларни претставништва и членовите на нивните семејства, странскиот воен персонал, странците кои во тој момент ќе бидат во земјава заради службен пат, приватна посета, лекување, како туристи…

Последниот попис на населението е спроведен во 2002 година, по воениот конфликт.
Планови за спроведување имаше пред девет години од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но тогаш се појавија низа несогласувања за начинот како тој треба да се изведе, имаше и оставки во Државната пописна комисија, по што обидот пропадна. За тоа, подоцна, СЈО отвори и истрага против Никола Груевски и Али Ахмети, но по нешто помалку од три години водење истражна постапка, од обвинителството соопштија дека истрагата пропаднала бидејќи против двајцата лидери немало доволно докази.
За немањето попис во Северна Македонија неодамна анализа објави и „Јуропиан Вестерн Балканс“ (ЕВБ) во авторски текст на Кристијан Фидановски и Валентино Грбавац. Во неа се наведе дека додека Европа се подготвува за редовниот декаден циклус на попис на населението во 2021, земјава и Босна и Херцеговина се двете европски земји кои сè уште го немаат утврдено ниту датумот за попис.
Исто така, авторите на анализата посочија дека од 2010 година до денес само 21 земја во светот не спровеле попис на населението, од кои две се во Европа – Украина и Северна Македонија и се осврна на пропаднатиот попис од 2011 година, за кој пишуваше дека бил запрен делумно поради политичките стравувања од неповолни бројки на етничката структура.
Пред околу два месеци анализа на темава објави и лондонскиот весник „Фајненшл тамјс“ во кој наведе дека зачленувањето на земјава ЕУ нема да го реши проблемот со намалување на бројноста на населението, констатирајќи дека Северна Македонија се соочува со демографски предизвик и оти е неопходен попис.