Специјалниот претставник на Владата Владо Бучковски денеска се сретна со бугарскиот премиер Бојко Борисов во рамки на неговата прва посета на Софија
Отсекогаш верував дека решенија можат да се најдат на преговарачката маса. Сегашните и идните генерации нема да им простат ниту на Бугарија ниту на Република Северна Македонија, ако не најдат компромис што ќе даде перспектива, изјави денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов не средба со специјалниот пратеник на македонската Влада за Бугарија, Владо Бучковски.

Како што соопшти прес-службата на бугарската влада, а пренесуваат бугарските медиуми, Борисов истакнал дека за изнаоѓање одржливо и трајно решение за „преостанатите отворени прашања во билатералните односи“, потребен е „прагматичен, искрен и добронамерен пристап, изразен во конкретни активности“.
Според Борисов, за враќање на меѓусебната доверба ќе биде потребно стриктно исполнување на сите обврски преземени со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, склучен меѓу двете земји во 2017 година.
„Бугарија отсекогаш ги почитувала евроатлантски вредности и затоа темата за европската перспектива на Западен Балкан ја ставаме на прво место за време на нашето претседавање со Советот на ЕУ“,
нагласил Борисов.
Според него, Бугарија досега вложила максимални напори за интеграција на земјите од Западен Балкан во НАТО и ЕУ, па во тој контекст како резултат на бугарската поддршка за европската иднина на Република Северна Македонија е потпишан и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Специјалниот претставник на Владата Владо Бучковски денеска се сретна со бугарскиот премиер Бојко Борисов во рамки на неговата прва посета на Софија, каде што е од вчера.
По вчерашните разговори со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, на прес-конференцијата изразија подготвеност за продолжување на разговорите по спорните прашања и се согласија дека треба да се работи на враќање на изгубената доверба меѓу двете земји.