Индексот за интегритет на владите во секторот одбрана на Транспаренси интернешнeл ја рангира Северна Македонија на високото второ место според интегритетот на работењето во одбраната. Истражувањето е објавено денеска, на Меѓународниот ден на борба против корупцијата.
„Пред нас е само Латвија. Зад нас се сите земји од нашиот регион. Успеавме да бидеме подобри од 4 земји кои се веќе членки на ЕУ и од 6 земји кои се членки на НАТО од многу поодамна. Направивме силен пробив во транспарентноста и интегритетот во работењето. Покажавме дека можеме да обезбедиме европски вредности и стандарди дома“,
изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Претседателката на Транспаренси интернешнeл – Македонија, Слаѓана Тасева изрази задоволство од резултатите на истражувањето кои на картата на анализирани држави ја обележаа Северна Македонија со зелено.
„Имаме повисоки резултати од Грузија, Литванија Полска, Естонија, Босна и Херцеговина, Ерменија, Косово, Србија, Унгарија, Украина, Албанија, Црна Гора и Азербејџан. Значи ние сме најдобро рангирани после Латвија во овој индекс на интегритет на владите во секторот одбрана“,
рече Тасева.
Зборувајќи за пресвртот во министерството во последните години според критериумите што ги оценува Транспаренси интернешнел, Шекеринска потсети дека во 2015 година Министерството за одбрана од норвешкиот Центар за интегритет во одбраната, беше оценето како една од најзатворените институции во земјата. Денеска, рече министерката, Министерството за одбрана е на прво место според активната транспарентност во работењето од сите институции во земјава, и на второ место според интегритетот во одбраната од земјите на ЦИЕ.
„Индексот за интегритет на владите во одбраната на Транспаренси интернешнeл уште повисоко ја оцени отпорноста на одбраната на корупција во делот на набавките и човечките ресурси. По овие критериуми Северна Македонија е земја со низок ризик од корупција. Нашиот буџет е транспарентен, постои регулатива за борба против корупцијата која е усогласена со меѓународните стандарди, отворени сме и дискутираме со невладиниот сектор, а преку слободниот пристап до информации од јавен карактер и со граѓаните. Ќе продолжиме да го подобруваме процесот подетално. Затоа веќе започнавме да работиме на новиот план за интегритет, со експертска поддршка од Кралството Норвешка, а кој треба да биде усвоен до крајот на март 2021“,
рече Шекеринска.