По вчерашната акција во Арачиново за пронаоѓање на украдената марихуана од магацинот во Јосифово, Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Гевгелија, отвори истрага за шест лица од Скопје.
За сите шестмина се бара притвор, а од нив досега приведени се само двајца додека останатите четворица не се достапни за органите на прогонот. Поради тие причини и поради опасноста да влијаат врз соучесниците и дека ќе го повторат делото, за сите се бара определување на најстрогата мерка.
Сите шестмина се осомничени за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, додека двајца се товарат и за делото фалсификување на исправа.
Според досегашните информации, осомничени од 4 декември неовластено пренесувале и држеле речиси два тони марихуана (1 948 килограми).
Засега нема информации кои се лицата кои ја украле марихуана од фирмата и потоа им ја предале на шестмината осомничени. Познато е дека станува збор за марихуана во сопственост на правното лице „ХЕРБ Индустри ДОО Струмица“ со простории во Јосифово, каде легално се произведува за медицински цели. Од магацинот на фирмата, марихуаната била украдена откако вработениот во обезбедувањето бил нападнат од непознати лица.
„Го удриле, го врзале со лисици, па го затвориле во една од просториите на фирмата. Потоа од магацинот ја одзеле и ја натовариле наркотичната дрога во приколка-ладилник на која претходно ги извадиле регистарските таблички и на истата ставиле регистарски таблички од друго возило со скопски регистарски ознаки“,
велат од ОЈО Гевгелија.
Тука, почнуваат да оперираат шестмината осомничени за кои обвинителството споделува и детали за локациите каде се движеле.
Двајца од нив ја земале приколката со украдената марихуана и ја закачиле на влекач марка „Даф“, за која претходно била изготвена и лажна сообраќајна дозвола со регистарски таблици од друго возило.
„Осомничените ја прикачиле приколката-ладилник и таквите лажни јавни исправи ги употребиле во јавниот и патниот сообраќај. Возило натоварено со наркотичната дрога го прателе со уште две товарни моторни возила. Сите осомничени заедно се упатиле во објект во Скопје од каде возилото со марихуана го однеле на Кванташки пазар во Скопје“,
велат од ОЈО.
Од Кванташни, марихуаната ја однеле во Село Мојанце, Општина Арачиново, а еден од осомничените земал околу 230 килограми од марихуаната и ја држен скриена пред семејната куќа во селото.
Истрагата, како што вчера најавија и од МВР, ќе се проширува и кон други лица со цел да се пронајдат оние кои ја украле марихуаната од магацинот и да се открие евентуална инволвираност и на други лица во случајот.