Известувачот на ЕП за Црна Гора за подгоричка „Побједа“ тврди дека во Брисел преовладува време на блокади
Известувачот на Европскиот парламент за Црна Гора, Тонино Пицула, оцени дека моментно во Брисел преовладува времето на разни блокади и употребата на вето во ЕУ. Тој го критикува однесувањето на Бугарија конкретно, како неевропско и спротивно на добрососедските односи.
„За жал, првичниот план за отворање на меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија не е постигнат“,
изјави Пицула за подгоричка „Побједа“, пренесе МИА.
Пицула смета дека политиката на проширување само за кратко добила нов замав во текот на првата половина на 2020 година, со зеленото светло за Северна Македонија и Албанија за отворање на преговорите, како и со Самитот во Загреб и финансиската и здравствена помош на Западен Балкан во борбата против сегашната пандемија.
Тој однесувањето на Бугарија го оцени како некоректно, кое не во духот на добрососедството и европскиот дух, бидејќи прашањето за проширување се користи како националистичка предизборна кампања за парламентарните избори на пролет. Сепак, верува дека сегашната состојба не е одржлива на долг рок.
„Блокадите испраќаат лоша порака до земјите во процесот на проширување, обесхрабруваат и отвораат простор за уште поголемо влијание на неевропските фактори, кои немаат исти вредности како ЕУ. Без оглед на сегашните (не)прилики, Црна Гора како лидер во процесот на пристапување во регионот мора да го задржи фокусот на реформите. Секако има капацитет и наша поддршка за тоа“,
истакна Пицула.
Според него, ЕУ нема формална можност за деблокирање на ветото бидејќи за тоа е потребно едногласно решение на земјите членки.