Говорејќи денеска во Долниот дом на Бундестагот, германската канцеларка, исто така, кажа дека пандемијата на ковид-19 го нарушува балансот на светската економија
Европската Унија бара начин да го укине ветото на Унгарија и на Полска за буџетот на 27-члениот блок, истовремено задржувајќи го и механизмот за владеење на правото, со кој се условува пристапот до буџетските средства, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел.
Варшава и Будимпешта, кои се наоѓаат под лупа на ЕУ за нарушување на независноста на судството и медиумите, ставија вето на буџетот на ЕУ и на Фондот за обнова, бидејќи тие се противат на тоа парите да се условуваат со почитување на владеењето на правото.
Говорејќи денеска во Долниот дом на Бундестагот, Меркел, исто така, кажа дека пандемијата на ковид-19 го нарушува балансот на светската економија, при што многу земји претрпеа економски пад поради корона кризата.
Таа оцени дека како најеластични се покажале оние економии што успеале пандемијата да ја стават под контрола.
Властите во земјата нема да можат да обезбедат доволно вакцини во првиот квартал од 2021 година, со цел да се направи пресврт во текот на пандемијата.
Таа пред Бундестагот истакна дека би било можно да се намали смртноста и додаде дека ќе ги преземе сите мерки да ги одржи училиштата и градинките отворени.
Меркел се согласува со препораките за затворање на продавниците во периодот од Божиќ до 10 јануари, не согласувајќи се со отворање на хотелите, со цел да се спречи патувањето на семејствата кои сакаат да ги посетат роднините за време на празникот.
Германската канцеларка нагласи дека досегашното искуство покажало оти вториот бран на пандемијата е посилен отколку првиот и додаде дека сѐ уште има голем број заразени со ковид-19 во Германија.
