Американците, кои се соочуваат со огромен скок на бројот на заразени во последните неколку недели, полагаат надеж на претстојното вакцинирање
Речиси 220 000 нови случаи на заразени со коронавирус се регистрирани во САД во претходните 24 часа, што е близу до рекордот регистриран во последниве денови, покажуваат синоќа објавените податоци на Универзитетот „Џон Хопкинс“.
Во истиот период починале 2 500 луѓе како последица на ковид-19, а повеќе од 100 000 луѓе во моментов се хоспитализирани, покажуваат ажурираните податоци што Универзитетот ги објави во 20:30 часот по локално време.
Американските здравствени власти го очекуваа овој скок на заразени лица по масовните патувањата на милиони Американци по повод Денот на благодарноста пред десет дена, и покрај повиците да останат дома.
Американците, кои се соочуваат со огромен скок на бројот на заразени во последните неколку недели, полагаат надеж на претстојното вакцинирање.
Вакцината произведена од лабораториите „Фајзер“ и „Бионтек“ може да биде одобрена во наредните денови, а вакцината на „Модерна“ следната недела.

Во Соединетите држави од почетокот на пандемијата 15 милиони луѓе се заразени со ковид-19, а 286 000 починаа како последица на болеста.
