Вакцините не се потрошени, туку според министерот за здравство се барал модус како да се избегне метеж во амбулантите
Вакцините против сезонски грип не се потрошени. Од денеска ќе има поголем број термини за вакцинација, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
„Тоа што го видовме во овој изминат период е еден огромен интерес како што никогаш немало минатите години. Ние имавме многу помалку вакцини и никогаш, освен во првата недела, што е вообичаено, немаше ваков интерес. Се направи распоред да има временска дистанца, за да не се прават метежи во амбулантите. Понатаму, дополнителен проблем што излезе на виделина е системот на закажување, токму поради големиот интерес. Електронскиот систем не можеше да ограничи еден наспроти друг матичен лекар да зафати помалку термини, на сето ова работеше системот ‘Мој термин’. И тоа што ќе се случува од денеска е да има поголем број термини и поголема достапност за матичните лекари согласно досегашното искуство. Од денес практично на некој начин да се ограничат матичните лекари да не може секој еден да зафати поголем број термини во однос на другите матични лекари од таа регија и повеќе термини за вакцини“,
рече Филипче во вчерашното телевизиско гостување.
Тој изјави дека количините за вакцинација се сосем доволни.
„Вакцините не се потрошени, продолжува системот на вакцинација. Можевме ние да направиме и друг систем, наеднаш да се пуштат сите вакцини и да пробаме да се извакцинираат поголем број граѓани, во пократок временски период, меѓутоа сметам дека тоа ќе создадеше огромни метежи во амбулантите, што е ризично“,
истакна Филипче.
Министерството за здравство за оваа сезона набави 40.000 дози четиритипни вакцини против грип, наменети за бесплатна вакцинација на ризични групи. Во споредба со минатата сезона, кога набавија 28.000 дози на вакцини, оваа година за околу 40 отсто се зголемија количините.
Бесплатна вакцинација против сезонски грип се врши на шест пункта на Здравствен дом Скопје, како и во здравствените домови во Велес, Неготино, Teтово, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга, Вевчани, Македонски Брод, Ростуше, Битола, Прилеп, Крушево, Ресен, Демир Хисар, Свети Николе, Радовиш, Струмица, Штип, Валандово, Куманово,Кратово, Крива Паланка, Берово, Делчево, Виница, Пробиштип, Пехчево, и Кочани. Вакцинација се врши во општите болници во Гевгелија, Дебар и Кавадарци.
Во оваа сезона на вакцинација против сезонски грип, првпат е овозможено бесплатната вакцинација на здравствените работници да се спроведува во нивните матични установи, наместо да одат како и досега во центрите за јавно здравје.