Компанијата „Фајзер“ одговори на дописот на Министерството за здравство дека може да отпочнат директни преговори за набавка на вакцината против ковид-19 од компанијата производител, информира министерот Венко Филипче.
„Оваа недела очекуваме одговор и од „Астра Зенека“, што ќе значи дека преку овој механизам со директна комуникација со комапаниите производители ќе преговараме за да обезбедиме дополнителна количина на вакцини. Третиот механизам, е преку земјите членки од ЕУ, заради тоа што во нивните договори освен за нивните граѓани, имаат една количина која е наменета за останатите земји кои не се членки на ЕУ“,
рече Филипче во гостување на Сител.
Што се однесува до ковакс-ситемот, Филипче вели дека тој овозможува еднаков пристап до вакцините на сите земји кои аплицирале и дека првите количини вакцини ќе бидат еднакво дистрибуирани во соодветен процент според населението.
Тој посочи дека здравствениот систем се подготвува за процесот на вакцинација, кој вели е многу комплексен. Формирано е специјално координативно тело кое ги анализира сите аспекти на вакцинацијата – прием, чување, дистрибуција и вакцинација на граѓаните.
Фрижидерите за чување на вакцините, кои се донарани од американска фондација треба да стигнат до јануари.
„Во делот на чувањето ќе се користат магацините на економските оператори каде и сега се чуваат вакцините, единствено нешто што ќе биде додаток се фрижидерите на -70 степени за еден тип од вакцините. Фрижидерите ги добиваме како донација од американска фондација со која што имаме долгогодишна соработка и тие фрижидери ќе бидат тука веќе од јануари. Практично ќе бидат поделени кај сите економски оператори. Оттука тргнува процесот на дистрибуција кој е еднаков каков што е и сега за сите други вакцини, до сите ЈЗУ-а кои имаат пунктови за вакцинација, тоа ќе бидат здравствените домови, центрите за јавно здравје и болниците. Лекарите здравствениот персонал, медицинските сестри сите вработени кои треба да се вакцинираат ќе се вакцинираат на местата каде што работат. Вакцинацијата ќе ја спроведат веќе искусни лекари и медицински сестри за кои ќе бидат направени дополнителни обуки,
вели Филипче.