Тука не постоеше дилема на никој од учесниците и мислам дека друга алтернатива за РМ и не постои, изјави Мицкоски лани по средбата кај претседателот Пендаровски
„Имавме плодна и квалитетна дебата. Во првиот дел, сите учесници на средбата ги афирмираа ставовите дека остануваме посветени на евроатлантската интеграција на РМ, члеството во НАТО – Алијансата и се разбира, работењето понатаму за добивање датум за почнување на преговорите со ЕУ. Тука не постоеше дилема на никој од учесниците и мислам дека друга алтернатива за РМ и не постои и мислам дека тоа им беше кажано на новинарите од страна на претседателот на државата“.
Ова го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по лидерската средба на 20 октомври 2019 година, која претседателот Стево Пендаровски ја свика откако откако беше одложено отворањето на преговорите со ЕУ, по противењето на Франција која инсистираше на усвојување на новата методологија за проширување и други реформи во Унијата.
По изјавата на претседателот Пендаровски на вчерашната конференција за Западен Балкан организирана од „Пријателите на Европа“ дека македонскиот државен врв добил понуда за членство во Европската економска заедница која била одбиена затоа што нема друга алтернатива од полноправно членство во ЕУ, од ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвинија дека Пендаровски немал одобрение да го направи тоа и го обвинија заедно со премиерот Зоран Заев дека направиле антидржавен чин.
„Пендаровски и Заев да кажат зошто ја одбиле понудата и од чии странски интереси се воделе“,
побараа денеска преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Кабинетот на Пендаровски одговорија дека за оваа идеја за алтернативно членство за државите од Западниот Балкан во Европската економска зона откако ќе ги исполнат потребните услови за тоа, која неофицијално циркулирала во Брисел, било дискутирано на лидерката средба свикана на 20 октовмри 2019 г., на која присуствувал и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
„Имаме јасен државен консензус на релевантните политички лидери во нашата земја дека, независно од заклучоците на Европскиот совет, стојат зад идејата Република Северна Македонија што е можно поскоро да ги почне и што е можно поскоро да ги заврши тие преговори, за да стане полноправна членка. Сите присутни на средбата се согласни дека ние немаме проблем со евентуално нова и подобрена методологија за водење на пристапните преговори. Сите присутни на средбата рекоа дека немаат проблем ако новата методологија подразбира реверзибилност на процесот“,
изјави тогаш претседателот Пендаровски на прес- конференцијата.
Целата изјава може да ја прочитате и да ја слушнете тука.