На граничниот премин Богородица вчера во товарно возило со црногорски национални ознаки се откриени 12 мигранти, шест од Сирија и шест од Авганистан, меѓу кои и едно дете, соопшти МВР.
Настанот се случил вчера во 08.30 часот, кога возачот на товарното возило П.В.(34) од Црна Гора, пријавил дека во приколката слушнал гласови. По извршени проверки биле откриени 12-те илегални мигранти
Мигрантите се предадени за понатамошна постапка во Прифатниот транзитен центар-Гевгелија, велат од МВР.
В.д. директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов пред три дена изјави дека земјата во моментов се соочува со две кризни состојби, од кои втората не е на цела територија, како што е оваа поврзана со ковид-19, туку е само на северната и јужната граница и е поврзана со мигрантите.
Притоа, за мигрантската криза рече дека е дополнително комплицирана од пандемијата бидејќи оние што влегуваат и излегуваат од земјава ја шират заразата.