Казните што неодамна ги изгласа хрватскиот парламент се од 65 до 5 200 евра
Во Хрватска од викендов започна казнувањето за прекршување на епидемиолошките мерки, меѓу кое и за неправилно носење маски, за што казната е 500 куни, или 65 евра.
Хрватскиот парламент ги изгласа измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои се воведени нови казни како на пример за сопственикот на приватен имот, доколку организира или дозволи приватно собирање, за што ќе плати казна во износ од 5 000 до 10 000 куни (од 650 до 1 300 евра).

Правното лице, доколку не се придржува до епидемиолошките мерки, ќе се казни со парична казна од 10 000 до 40 000 куни (1 300 до 5 200 евра).
Глоба од 5 000 до 10 000 куни (650 до 1 300 евра) е пропишана и за прекршоци од одговорното лице во фирма, како и на претприемачи и физички лица кои вршат други независни активности.
Ваквиот чекор на хрватските власти е инициран од влошувањето на ситуацијата со коронавирусот. Вчера во Хрватска за 24 часа се потврдени 4 084 нови случаи на заразени, а 70 лица починаа, објави Националниот штаб за цивилна заштита.
Во моментов има 24 495 активни случаи, од кои 2 514 се на болничко лекување, од кои пак, 259 се на респиратор.
