Иако не учествува на дополнителните избори за градоначалник на Штип, главната опозициска партија денеска „на готовс“ го дочека вклучувањето на лидерот на СДСМ во кампањата
Иван Јорданов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Штип, денеска упадна на настан во овој град, на кој присуствуваше премиерот Зоран Заев, кој само што почна да дава изјава за новинари.
На забелешка на Заев дека настанот е за новинари, Јорданов рече дека тој, како пратеник кој добил легтимитет и ги претставува граѓаните, има право да постави прашања.
Никој не реагираше, така што Јорданов ги постави три прашања, по што замина од местото на настанот нечекајќи одговори, а Заев забележа дека „ете и тоа е демократија“.
„Прво, со кој образ ветувате дека за 9 месеци ќе ги реализирате проектите што три и пол години не ги реализиравте? Второ, дали знаете дека во компанијата ‘Баргала’, која е во роднинска врска со вашиот кандидат, пред десетина дена има исплатено плата од две илјади денари на вработените? И последно прашање, кој ви дал право да преговарате во име на македонскиот народ, да го продавате македонскиот јазик, македонската култура и македонскиот идентитет“,
се прашањата што Јорданов му ги постави на Заев.
Во Штип, следната недела, на 13 декември, ќе се одржи прв круг од дополнителните избори за градоначалник на општината. По заминувањето од таа функција на Благој Бочварски, кој сега е министер за транспорт и врски, кандидат на СДСМ за таа функција е Сашко Николов.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, реши да не учествува на дополнителните избори за градоначалник, поради, како што образложија од партијата, ситуацијата со ковид-19.