Меѓу министрите нема претставници на малцинските партии кои ја одбиле поканата на Кривокапиќ да се приклучат на владата
Ова е прв пат во последните дваесет години малцинствата да не бидат во владата
Црногорскиот парламент денеска ја избра новата Влада предводена од Здравко Кривокапиќ, со што по 30 години власт, Демократската партија на социјалистите (ДПС) на претседателот Мило Ѓукановиќ замина во опозиција.
Владата се состои од 12 министри, а вицепремиер е лидерот на Граѓанското движење Обединета акција за реформи (УРА), Дритан Абазовиќ, кој ќе го контролира безбедносниот сектор во новата влада.
Абазовиќ и министерката за одбрана Оливера Ињац и кандидатот за министер за внатрешни работи Сергеј Секуловиќ се прозападно ориентирани, што според аналитичарите е направена отстапка во корист на меѓународната заедница.
Меѓу министрите нема претставници на малцинските партии кои ја одбиле поканата на Кривокапиќ да се приклучат на владата. Ова е прв пат во последните дваесет години малцинствата да не бидат во владата.
За новата влада гласаа 41 пратеник, 28 беа против, додека еден пратеник беше воздржан.
Кривокапиќ рече дека му било дадена единствена можност и голема чест да го пренесе знаењето и да го прилагоди на оние што слушаат, а дека од парламентот добил коментари дека не знае речиси ништо.
„За тоа време, запишав сè што рековте, се прашував како тоа го сфаќа нашиот обичен граѓанин. Здравко Кривокапиќ не е важен, Владата не е важна, не ни е дадено од Господ да бидеме тука, тука сме само за граѓаните кои нема да ги делиме“,
рече Кривокапиќ.
За време на тридневната дебата, претставниците на новата опозиција ДПС, но и некои од новото парламентарно мнозинство, особено од Демократскиот фронт (ДФ), ги критикуваа излагањата на премиерот Кривокапиќ и кандидатите за членови на новата црногорска влада.
Шефот на парламентарната група на ДПС рече дека новото мнозинство е конституирано со една цел – симнување од тронот на ДПС.
„Омразата кон ДПС ве собра на едно место, без план и програма“,
рече Даниел Живковиќ, додавајќи дека новата влада ќе има одреден рок.