Заеднички листи за советници нема да има. Кандидатите за градоначалници го имаат правото да коалицираат на локално ниво со сите политички актери со цел да постигнат победа, рече лидерот на Алијанса за Албанците во интервју за “360 степени”
Лидерот на опозициската партија Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во интервју за „360 степени“ зборуваше за наводите за можна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори в година.
Осврнувајќи се на настанот во организација на германската фондација “Конрад Аденауер” на кој се најде на иста маса со Христијан Мицкоски, Села вели дека станува збор за активност на која учествувале сите десничарски партии од регионот.
„И сега почнува да се сервира во јавноста, во најразлични форми, хипотетички, дали имаме тенденции за да правиме коалиции… Како прво, предизборна коалиција, Алијансата за Албанците, се додека има отворени етнички прашања, не прави со ниедна политичка партија“,
рече Села.
Притоа, тој се дообјасни дека “заеднички листи за советници нема да има, но дека Централното собрание на партијата ќе одлучи за евентуална коалиција за поддршка на кандидати за градоначалници”.
„За тоа ќе оцени Централното собрание на партијата. Централното собрание на партијата е највисокиот орган. Се разбира, кога некого ќе изнесеш на трка, не можеш да му го одземеш правото тој да влезе и да направи можни коалиции, можни договори за да успее да победи. Ние нема да изнесеме на трка кандидати кои ќе изгубат, туку кандидати кои ќе победат. И кандидатите го имаат правото да коалицираат на локално ниво со сите политички актери што тие мислат со цел за да постигнат победа. А политичката партија, својата предизборна коалиција ја изразува со листите за советници, партијата се гласа кај листата на советници“,
вели Села во интервјуто за “360 степени”.