ФФМ се надева дека состојбата со коронавирусот ќе дозволи УЕФА да даде „зелено светло“ за присуство на навивачи на Европското првенство, кое ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули идната година
Докторите, медицинските сестри и целокупниот технички персонал во болниците ќе имаат приоритет за влезници за да ја бодрат македонската репрезентација на претстојното Европско првенство во фудбал, одлучи Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
ФФМ се надева дека состојбата со коронавирусот ќе дозволи УЕФА да даде „зелено светло“ за присуство на навивачи на Европското првенство, кое ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули идната година во 12 држави на европскиот континент.
Претседателот на ФФМ Муамед Сејдини вели дека одлуката е израз на скромна почит кон медицинскиот персонал за нивните секојдневни натчовечки напори и заложби за заштита на здравјето на македонските граѓани во услови на пандемија.
„Знам дека ова е премалку, но чувствувам потреба на медицинскиот персонал на скромен начин да им се оддолжиме за пожртвуваноста и повеќемесечниот труд што го вложуваат за да не заштитат сите нас. Да им ја искажеме нашата почит за нивната работа и да покажеме дека сме општество што цени вистински вредности“,
вели Сејдини, додавајќи дека најсреќен би бил кога во јуни 2021 година, нашите медицински лица би ги замениле маските и скафандрите со навивачки реквизити.