Тестирањето со брзи тестови е доброволно, а доколку резултатот е позитивен лицето ќе оди и на тестирање со ПЦР тест, а неговите контакти ќе одат во карантин
Австрија започна доброволно масовно тестирање на населението за коронавирус, со надеж дека тоа ќе спречи нов и долгораен карантин.
Тестирањето со брзи тестови започна во петокот во Виена и западните провинции Ворарлберг и Тирол, неколку дена пред Австрија да започне со олеснување на строгите рестриктивни мерки кои се во сила од средината на ноември.
Оние кои ќе бидат позитивни на тестот, во рок од 24 часа, ќе бидат тестирани и со ПЦР- тестови, а нивните контакти ќе мора да бидат ставени во карантин, доколку и ова тестирање ги потврди резултатите.
Доброволците кои сакаат да бидат тестирани аплицираат преку веб-страница отворена за таа цел.
Тестирањето се спроведува под надзор на австриската армија, која постави 170 места за тестирање во Конгресниот центар во Виена.
Италијанската провинција Јужен Тирол, која се граничи со Австрија, веќе спроведе масовни тестови, по примерот на Словачка, која успеа да го забави ширењето на вирусот и да избегне втора блокада на земјата, тестирајќи речиси две третини од вкупната популација минатиот месец.
