Почнувајќи од првиот случај регистриран во Вухан, Кина, до денеска со ковид-19 се заразиле вкупно 64,9 милиони луѓе ширум светот. Од нив, над 45 милиони оздравеле, а околу милион и половина починале како последица на компликации од вирусот.
Во моментов во светот активни ковид-случаи има 18,5 милиони од кои 18,2 се со средна клиничка слика, а 106 илјади се со сериозна или критична клиничка слика.
Во моментов САД се земја во која има најмногу случаи на ковид, односно вкупно 14,5 милиони регистрирани од почетокот на епидемијата, а во моментов активни се вкупно 5,5 милиони.
Директорот на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, Роберт Редфилд, предупреди дека пандемијата од ковид-19, која сè уште беснее низ САД, ќе претставува најмрачна здравствена криза во историјата на земјата во следните неколку месеци, пред вакцините да станат широко достапни.
Пораката од еден од највисоките здравствени функционери во земјата следува по прославата на Денот на благодарноста во која милиони Американци ги игнорираа предупредувањата за избегнување патувања и големи собири, дури и со големо зголемување на случаи на ковид-19.
Покрај огромната загуба на животи, земјата се соочува и со фактот дека здравствениот систем е затегнат до точка на пукање, рече Редфилд. Според него, заразата сега стигнала до сите делови на земјата и продолжува да се шири по многу пострмна патека од кој било претходен бран на пандемијата.
„Реалноста е дека декември, јануари и февруари ќе бидат тешки времиња. Всушност, верувам дека ова ќе биде најтешкото време во историјата на јавното здравје на оваа нација“,
рече Редфилд во живо на презентација организирана од Фондацијата на американската трговска комора.
Во изминатите 24 часа во САД е регистриран рекорден број смртни случаи со коронавирус, вкупно 2 658, покажуваат податоците на Универзитетот „Џон Хопкинс“.
Според Универзитетот, дневниот просек на починати во САД во овој период изнесува 1 531 лице. Во изминатото деноноќие во земјата се хоспитализирани и рекордни 100 226 пациенти заразени со ковид-19.
