Проверувани се податоците од заразување на различни места и со различен број контакти, но во услови кога членовите на семејството беа принудени да поминуваат повеќе време заедно поради изолација
Најчест начин на пренос на коронавирусот е од членови на семејството со кои живееме, покажува студијата на кинески научници, објавена во специјализираното списание „Сајанс“.
Кинеските експерти анализирале податоци од 1 178 пациенти и 15 648 нивни блиски контакти во провинцијата Хунан, при што откриле дека ризикот од заразување со ковид-19 се зголемува со времетраењето и близината на физичките контакти.
Следни се јавниот превоз и угостителските објекти. Веројатноста за пренесување на вирусот значително се зголемува при комуникација со широк круг роднини и е најголема кога живеете со болен член на семејство.
Истражувачите заклучиле дека секој дополнителен ден дома со заразено лице го зголемува ризикот од пренесување на болеста за 10 проценти.
Најретко луѓето се заразувале во медицински установи каде што строго се почитувале заштитни мерки.
Се истакнува дека во рамки на студијата се проверувани податоците од заразување на различни места и со различен број контакти, но во услови на т.н. „затворање“, кога членовите на семејството беа принудени да поминуваат повеќе време заедно поради самоизолација.
