Пратеници кои се во изолација да покажат велигденско јајце, да не носат облека со обележја на моден салон, на месарница, на салон за маникир… гласат дел од опозициските амандмани на Деловникот, за кои парламентарното мнозинство реагира дека се дрски и безобразни, во ситуација кога земјата се соочува со голема здравствена криза
За време на велигденските празници, пратениците кои учествуваат во работата од далечина, пред себе задолжително да имаат велигденско јајце; пратениците кои учествуваат во работата од далечина не смеат да носат облека со обележја на моден салон (месарница, салон за педикир, за маникир…)
Вака гласат дел од амандманите, во случајов поднесени од пратеникот Борис Крмов од Левица, со кои опозицијата здружено се обидува да го блокира донесувањето на измените на собранискиот Деловник што ги поднесе спикерот Талат Џафери, а со кои се предвидува можност за онлајн-вклучување на пратеници кои се во изолација.
Додека владејачкото мнозинство се обидува да ги отстрани пречките во функционирањето на законодавниот дом, што дополнително се усложнија со влошувањето на ситуацијата со ковид-19 во земјава, опозициските пратеници – 58 вкупно на број, наспроти 62 владејачки – ги саботираат можностите за каква било промена во работата на Собранието.
За таа цел, поднесени се над 3 000 амандмани на предложените измени на Деловникот, за кои минатата седмица Собранието утврди потреба да бидат донесени по скратена постапка.
Но, за разлика од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ или Алијанса/Алтернатива, кои се главно од техничка природа, амандманите на Левица се саркастични.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, реагираше денеска дека опозицијата се однесува неодговорно, несериозно и на штета на граѓаните и институциите.
ВМРО-ДПМНЕ и опозициските пратеници, по секоја цена, се обидуваат од Собранието да направат циркус, место за нивна забава. Никако поинаку не можат да се толкуваат многубројните несериозни, безобразни и апсурдни амандмани поднесени на предлог-измените и дополнувањата на Деловникот за работа на Собранието. Замислете до каде оди оваа дрскост. Пратениците кои се борат со вирусот, пратениците кои се во изолација поради позитивни членови на нивните семејства, кои не знаат дали ќе го победат вирусот, кога ќе бидат приклучени онлајн да покажат бојадисано јајце. Ова не само што е потсмевање кон пратениците кои се соочуваат со коронавирусот, ова е и поигрување со чувствата на верниците“,
изјави Митревски.