
Над 60 000 граѓани од земјава и од странство ја дочекаа Новата 2020 година во главниот град на плоштадот „Македонија“.

Одбројувањето до Новата година беше со шоуто на балканската музичка ѕвезда Дино Мерлин.


„Веселата атмосфера со пеењето на неговите хитови на новогодишната ноќ дополнително ја кренаа сценските ласери и повеќеминутниот огномет со кои се означи почетокот на новата година“, велат од Град Скопје.



Граѓаните во весело расположение си посакаа многу среќа, добро здравје и успеси во Новата 2020 година.


Новогодишната забава во срцето на Скопје вчеравечер започна во 20:30 часот со настапот на музичките групи „Џипси грув“ и „Суперхикс“, кои ја загреаја атмосферата и го најавија новогодишното шоу на Дино Мерлин.

Плоштадот „Македонија“ изминатиов месец беше центар на новогодишните и божикните празнувања во Скопје, а граѓаните имаа можност да ја почувствуваат празничната магија и да уживаат во најразновидна забавна програма.

Најголем интерес кај посетителите побуди дигиталната новогодишна елка, како и новогодишните куќички на населбата „Винтерленд“, кои беа сместени на плочникот меѓу ГТЦ и плоштадот. Во близина на куќичките имаше и мала сцена на која секојдневно се организираа настани и концерти наменети за различни возрасти.
