Организаторот на оргијата во Брисел, 22-годишно момче кое се претставува како Давид, тврди дека не го познава европратеникот од партијата на Виктор Орбан, кој беше меѓу 25-те мажи во неговиот стан.
Тој ова го изјавил за белгискиот дневен весник ДХ, кој го обелодени случајот со „ковид-оргијата“ во време на рестриктивни мерки поради вирусот, јави дописничката на МИА од Брисел.
22-годишното момче за весникот раскажува дека редовно организира секс-оргии во својот стан, во зградата каде што се наоѓа познато бриселско кафуле во центарот на градот, и близу полициска станица.

„Не знаев дека имало пратеник од Европскиот парламент, не го познавам овој човек. Кога организирам забави, секогаш канам повеќе пријатели кои потоа канат и свои пријатели, а потоа заедно се забавуваме“,
вели Давид Манзелеј, студент од Брисел.
Бриселската полиција вчера објави дека пред неколку дена е прекината голема оргија во овој стан и дека помеѓу 25-те мажи кои се наоѓале на забавата имало и неколку европски дипломати и еден европратеник. Подоцна пратеникот Јожеф Сајер самиот призна дека станува збор за него. Тој е од партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, која е отворено против правата на ЛГБТИ-заедницата. Унгарските новинари пишуваат дека Сајер лично ги напишал и уставните амандмани со кои се дефинира брачната заедница исклучиво како заедница меѓу маж и жена.
Давид, организаторот на забавата, која е забранета според правилата за спречување на ширење на коронавирусот, објаснува дека организира вакви забави секој месец, каде што луѓето доаѓаат да се дружат и да пијат алкохол.
„Единствена разлика од обична забава е што некогаш имаме сексуални односи, не гледам ништо лошо во тоа, сите сме возрасни и согласни“,
вели младиот Давид.
Но, признава дека е свесен оти ваквото собирање не е дозволено поради мерките за ковид-19.
„На многу луѓе им е смачено од овие мерки, сакаме да се гледаме да се дружиме и бев многу внимателен. Поканив десет пријатели и тие имаа право да поканат свои пријатели, само под услов тие веќе да го прележале вирусот или да немаат симптоми, не гледам каде е проблемот“,
вели студентот.
Полицијата ги открила бидејќи соседите ги пријавиле поради преголемата бучава.
„Одеднаш во мојот стан се најдоа еден куп полицајци. Викаа: ’Лична карта! Веднаш!‘ Но ние не носевме ниту долна облека, како да им дадеме лична карта? Тоа уште толку ги разгневи полицајците, беа многу лоши и кажуваа многу лоши работи за геј-лицата“,
раскажува организаторот.
