За две недели двајца кандидати за градоначалници на босанскиот град Травник починаа како последица на ковид-19. Лекарот Мирсад Пецо, кој победи на изборите за градоначалник во Травник, почина на денот на изборите на 15 ноември. Тој беше кандидат на Партијата за демократска акција.
Две недели подоцна, од компликации од ковид-19 почина и Елведин Канафи, кој беше кандидат на Сојузот за подобра иднина. Канафи починал ненадејно, а на изборите на 15 ноември за него гласале 1 200 лица или 5 отсто од гласачи, со што тој завршил на четвртото место.
Бидејќи победникот на изборите д-р Мрисад Пецо починал на денот на гласањето, изборната комисијата сè уште не прогласи победник, затоа што вакво нешто никогаш претходно не се случило, а изборните закони не нудат решение во вакви ситуации. Тие сега се обидуваат да најдат решение според слични пракси во други држави. Според бројот на гласови, зад Пецо на листата се најде кандидатот ХДЗ – БиХ, Горан Пејаковиќ кој доби 6 600 гласа.
Од партијата на Пецо бараат изборите да се повторат, а од ХДЗ – БиХ инсистираат за победник да се прогласи нивниот кандидат Пејаковиќ.
Ваков сличен случај има во бразилскиот град Гоиња, каде што во неделата, на локалните избори, е избран Магито Вилела, но тој сè уште не знае бидејќи повеќе од две недели е на респиратор во индуцирана кома како резултат на ковид-19.
