Претседателот на ДИК се повика на финалниот извештај на ОБСЕ за предвремените парламентарни избори летоска, кои исто така се организираа во услови на пандемија
ВМРО-ДПМНЕ, чиј член е Деркоски, одлучи да не учествува на изборите, а како причина ја наведе ковид-кризата
Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски смета дека изборите не претставуваат кластер за ширење на коронавирусот и оти тоа го покажале и парламентарните избори што беа организирани во текот на летото.
Овој став на претседателот на ДИК е спротивен на оној на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј член е Деркоски, која одлучи да не учествува на предвремените локални избори за градоначалник на Штип и Пласница поради ковид-кризата и побараа тие да се одложат сѐ до обезбедување пристојни и нормални услови за функционирање и фер изборна кампања.
Деркоски смета дека и покрај тоа што сега состојбата со пандемијата е посериозна, со искуството од претходните избори многу полесно ќе се организираат предвремените локални избори во Штип и Пласница.
„Предвремените парламентарни избори 2020 година завршија на добар начин, и покрај сите предизвици кои ги имавме сите кои бевме во организација, финалниот извештај на ОБСЕ го покажува тоа, кој го добивме пред неколку дена. Организацијата од страна на институциите беше одлично направена сите три дена, помина одлично и нормално со забелешката за објавувањето на резултатите, односно хакирањето на страницата на ДИК. И покрај предизвиците од пандемијата, тие избори на некој начин добро ги организиравме“,
истакна Деркоски на панел-дискусијата „Изборни реформи: Желбите наспроти реалноста“ во организација на ЦИВИЛ во рамки на Фестивалот на слободата.
Тој признава дека сега во Штип и Пласница има влошена здравствена состојба во споредба со летоска, но истакнува дека се преземаат сите можни заштитни мерки и со тоа нема да претставуваат кластер за ширење на вирусот.
Изборите во Штип и Пласница се распишани откако нивните градоначалници, Благој Бочварски и Исмаил Јахоски, беа избрани за пратеници, а Бочварски потоа беше и назначен за министер.