Лекарите и медицинските сестри од Воениот медицински центар (ВМЦ) и студентите кои се на шеста година студии на Медицинскиот факултет во Скопје, од денеска почнаа да волонтираат во ковид-центрите во Скопје, информира Министерството за здравство.
Оттаму велат дека првата група лекари и медицински сестри веќе е вклучена во сменската работа и во дежурствата.
„Помошта што ни ја пружате за нас е многу значајна во период кога имаме голем број хоспитализирани пациенти со ковид-19. Од друга страна, за вас ова е искуство какво што можеби нема да имате можност да го видите во вашата кариера како лекари. Ваква организација немало досега ниту кај нас, ниту во светот. Болеста е нова и непредвидлива. Клиничката манифестација е различна за секој пациент. Се соочуваме со нешто ново во медицината и за сите нас ова е во исто време и медицински проблем, но и предизвик“,
порача министерот Венко Филипче на состанокот со волонтерите.
Студентите од шеста година ќе бидат распределени во центрите каде што работат под менторство на лекари специјалисти.