За разлика од референдумот во 2014, кога се изјаснија за останување во Велика Британија, неодамнешните анкети покажуваат дека повеќето Шкотланѓани сега ја поддржуваат независноста
Шкотската премиерка Никола Старџон изјави дека се надева дека следната година ќе одржи нов референдум за независност од Велика Британија, иако владата во Лондон одбива да ја поддржи новата декларација на Шкотска за отцепување.
Старџон најави дека во кампањата за парламентарните избори во Шкотска во мај 2021 година, таа ќе побара мандат за одржување референдум за независност „на почетокот на мандатот на новиот парламент“, кој ќе биде избран за периодот до 2025 година.

На интернет-конференцијата на нејзината Шкотска национална партија, Старџон изјави дека Шкотска има право да избере независност ако мнозинството од нејзините граѓани го сакаат тоа.
„Тоа неотуѓиво право на самоопределување не може и нема да биде предмет на вето од Вестминстер“,
рече Старџон алудирајќи на британската влада.
Граѓаните на Шкотска на референдумот во септември 2014 година се изјаснија против независност, односно, 55 отсто од граѓаните гласаа за останување во Велика Британија, а 45 отсто за отцепување. За нов обврзувачки референдум потребно е одобрување на британската влада, чиј премиер Борис Џонсон најавува дека одговорот ќе биде „не“.
„Луѓето на Шкотска гласаа за тоа и тие одлучија да останат дел од Велика Британија“,
изјави портпаролот на Џонсон, Џејми Дејвис.
Но, Старџон смета дека излегувањето на Велика Британија од ЕУ, за кое Британците одлучија на референдум во јуни 2016 година, ја смени ситуацијата бидејќи ја повлече Шкотска од Унијата против нејзина волја.
На референдумот за „брегзит“, убедливо мнозинство Шкотланѓани гласаа за останување во ЕУ. Неодамнешните анкети покажуваат дека повеќето Шкотланѓани сега ја поддржуваат независноста.
