Опозицијата утре попладне ќе протестира пред Владата и пред МНР
Ова се историски моменти. Ова се моменти кога се одлучува и за иднината на македонскиот народ, македонската нација и македонската држава. Ова се моменти кога се потврдува тезата дека договори потпишани набрзина, не само што не се решение туку самите по себе претставуваат проблем за иднината на Македонија во рамките на ЕУ, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во вечерашното видео-обраќање, објавувајќи на фејсбук дека утре попладне ќе се одржат протести пред МНР и пред Владата.
„Само политички аматер може да потпише договор во кој критериум за напредокот на Македонија и нејзината интеграција во рамките на ЕУ ќе бидат лингвистичките проблеми и проблемите со историјата. Само политички аматер може во една таква подредена состојба да ја донесе сопствената држава, сопствениот народ и сопствената нација“,
рече Мицкоски.
Мицкоски упати апел за масовно присуство на протестот, кој, како што рече, е натпартиски и обединувачки.
ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржа протести со движење на колони возила низ улиците на 11 градови во државата против, како што велат од партијата, криминалот, корупцијата, неправдите, тргувањето со македонскиот идентитет, држава, минато и иднина. Се протестираше во Крива Паланка, Кратово, Свети Николе, Неготино, Струмица, Гевгелија, Струга, Крушево, Кичево, Македонски Брод и Гостивар и се бараше оставка од премиерот Зоран Заев.