Во Собранието за денеска попладне е закажана седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на чиј дневен ред е предлогот за измена на собранискиот Деловник со кои ќе се овозможи пратениците кои се во изолација да работат онлајн.
Предлогот го поднесе претседателот на Собранието Талат Џафери и според него само пратениците кои се позитивни или имаат решение за изолација ќе можат да учествуваат онлајн во работата на законодавниот дом.
Минатата недела на пленарна седница пратениците ја изгласаа потребата од измени во Деловникот по скратена постапка. Сега, тој треба да помине на Комисија, а потоа повторно ќе се врати на гласање на пленарна седница.
Ова решение, смета претседателот на Собранието Талат Џафери, нема да го промени досегашниот начин на работа, туку ќе овозможи само позитивните и изолираните да можат да се вклучат во работата на парламентот и со тоа законодавниот дом ќе биде целосно функционален.
Опозицијата во изминатиот период излезе со став дека не се согласува со одржување онлајн седници.