Според пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, по интервјуто на Заев за БГНЕС, шефот на државата требало да побара да се обрати пред Собранието, за кое, пак, вели дека личи на „воз без возен ред“
Кога ѝ е најтешко на државата, претседателот на државата го нема, оцени пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјаноска Давкова, коментирајќи за својот ривал на претседателските избори во 2019 година Стево Пендаровски, а во контекст на интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС.
„Очекував барем претседателот да побара да се обрати пред пратениците, бидејќи има такво право. Доста веќе еднаш во годината само честитки пред Нова година и фрази. Претседателите се тука за да покажат дека се на правото место кога е прашањето вакво какво што е“,
нагласи Силјановска Давкова, во гостување на Алфа.
Според неа, Бугарите сега нема да отстапат од гаранциите што ги понудил Заев во интервјуто.
„Бугарите нема да отстапат од гаранциите од премиерот. Сега почетните позиции не се нашите, туку се она што го кажа Заев. Нема во меѓународните односи дека можеби згрешил, можеби не ги употребил вистинските зборови. Тоа е нешто што е потврдено и гарантирано, за жал“,
рече Силјановска Давкова.
Според неа, треба да се излезе со еден заеднички документ како противтежа на бугарскиот меморандум.
„Потребна е расправа во собраниската Комисија за надворешни работи на која ќе дојдат од сите политички партии, за сите да бидат творци на еден заеднички документ што ќе го носи со себе премиерот и ќе рече дека тоа е нешто што не обврзува, како што велат бугарските политичари за меморандумот”,
нагласи Силјановска.
Од друга страна, таа оценува дека Собранието личи на воз без возен ред, затоа што е единственото кое нема календар, пратениците не знаат кога ќе се одржуваат седниците, кога ќе имаат средби со граѓаните. Агендата на Собранието, вели, ја диктира Владата и поради тоа, според неа, нема демократија.
Претседателот на Собранието Талат Џафери најави вчера дека следниот месец ќе се одржи редовното годишно обраќање на шефот на државата пред пратениците. Тој рече дека ќе ја закаже седницата веднаш откако ќе го добие барањето од Пендаровски и во првиот слободен термин.