Изборниот колеџ до средината на декември треба да гласа и до крајот на третата недела од декември членовите треба да пристигнат во Конгресот кој ги објавува на почетокот на јануари
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа на брифинг за новинарите во Белата куќа изјави дека ќе ја напушти функцијата ако Изборниот колеџ гласа за неговиот противкандидат Џозеф Бајден.
По видеоконференцијата со претставници на американската армија што традиционално се прави во чест на Денот на благодарноста, Трамп беше прашан дали ќе замине во случај гласањето на Kолеџот да не е во негова полза.
„Секако дека ќе го сторам тоа. Знаете дека ќе го сторам“,
изјави тој на првата средба со новинарите на која одговараше на прашања од денот на изборите на 3 ноември.
Тој, сепак, и натаму не ја признава победата на Бајден, и во однос на можната судските оспорувања на изборните резултати во повеќе сојузни држави кажа дека многу работи можат да се случат од сега до 20 јануари.
На 20 јануари 2021 година е закажана инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД. За победник на неодамнешните избори во САД главните американски медиуми го прогласија демократот Бајден.
Администрацијата на Трамп пред три дена и формално одобри тимот на Бајден да започне со процесот на предавање на власта откако шефицата на Службата за општа администрација Емили Марфи испрати писмо во кое го нарекува Бајден „очигледно избраниот претседател“.
Трамп не се откажува од судските процеси
Трамп најави дека в сабота оди во Џорџија да ја поддржи кампањата на републиканските сенатори Дејвид Пердју и Кели Лофлер, кои одат на втор круг од изборите за Конгресот на 5 јануари.
Тој повтори дека на изборите во оваа држава гласовите се украдени, откако официјалните претставници на Џорџија ја потврдија победата на Бајден. Државниот секретар на Џорџија, Бред Рафенспергер, го нарече предавник, по неговиот авторски текст во „Ју-ес-еј тудеј“, во кој Рафенспергер напиша дека претседателот Доналд Трамп го изневерил и дека гласањето во Џорџија било без проблеми.
Пенсилванија, Мичиген и Џорџија, кои се сметаа за клучни држави на овие избори, оваа недела неделава ја сертифицираа победата на Бајден, со што сите судски процеси на адвокатскиот тим на Трамп се соочуваат со неуспех, иако адвокатите се уште се обидуваат да ги оспорат тие резултати.
Трамп изјави дека е невозможно Бајден да добие 80 милиони гласови ако гласањето не било изманипулирано и завчера уште еднаш повтори дека тој е победник
Тимот адвокати предводен од Руди Џулијани смета дека главната изборна измама е направена со гласањето преку пошта.
Бајден неделава објави дел од идните членови на неговиот кабинет.