Според вицепремиерот за европски прашања, политичарите треба да се занимаваат со сегашноста и со иднината, а билатералните прашања треба да се решаваат билатерално, а не да бидат пречка кон ЕУ
Идејата на Договорот беше историјата да им се остави на историчарите, за ние да се занимаваме со сегашноста и со иднината. Да ги решаваме билатералните прашања билатерално, без тие да бидат пречка на патот кон ЕУ. Ова го напиша денеска на Фејсбук вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, по реакциите околу интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС, кое беше објавено вчера.
„Македонскиот јазик и самоопределување, државотворноста и идентитетот ниту можат да бидат пречка за интеграција со Унија, која почитува културни и јазични различности како темелна вредност, ниту можат да бидат пречка за вистинско пријателство, бидејќи тоа секогаш се базира на взаемна почит. Ова е мој принципиелен став, ова е битка не само за македонската суштина туку и за сржта на европските вредности, од кои нема отстапување. Ова е бесмртниот “вирус” на идеали против кој залудно се бара “вакцина”“,
коментира Димитров.
Заев денеска изрази жалење што интервјуто за БГНЕС предизвика силни негативни емоции во јавноста, но смета дека има обврска да ги поттикне македонските граѓани за изнаоѓање решение. И Македонците и Бугарите, рече Заев, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и да одржиме капацитет за разбирање и за простување.