Со конкретни идеи и предлози работиме на надминување на разликите со Бугарија, за да се усогласи рамката како предуслов за одржување на првата меѓувладина конференција во декември, изјави денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи на прес-конференција.
Но, тој притоа не сакаше да каже детали за разговорите што се водат бидејќи, како што посочи, сѐ уште се во форма на идеи и предлози за кои сѐ уште нема согласност меѓу страните.

Рече дека претстојниот период треба да се искористи за враќање на довербата во Договорот за пријателство меѓу Северна Македонија и Бугарија, што би овозможило одржување на меѓувладината конференција со ЕУ во декември за време на германското претседателство.
Недовербата, според него, е резултат или историски рецидив од минатото, а на нејзино отстранување не се работело ниту во последните 30 години на современа политичка реалност.
„Прашањата се ставани под тепих и не се направени доволно напори за да се изгради доверба. Недовербата не е само меѓу политичарите, туку и академиците, историчарите, а сето тоа се рефлектира со создавање недоверба и во јавноста. Таквата недоверба се пренесува и врз постигнатиот Договор“,
рече Османи додавајќи дека нерешавањето на ова прашање сега би оставило далекусежни последици по односите меѓу двете земји и врз можноста тоа да биде решено во иднина.
„Република Бугарија имаше јасен став по однос на идентитетските прашања дека не ги спори и досега не сме имале појасна формулација од Бугарија дека не ги спори идентитетот и јазикот на народите и граѓаните кои живеат во Република Северна Македонија. Мислам дека тоа е добра основа за на тоа да се надгради целосната доверба меѓу нашите две држави“,
рече Османи.