Шефот на дипломатијата Никола Димитров ги брани решенијата за амбасадори кои во изминатите две и пол години се пратени на позиции во дипломатско-конзуларните претставништва. Министерот Димитров вели дека во време на неговиот мандат се водело сметка повеќето кадри што заминуваат во странство да бидат од редот на професионалните дипломати. Според статистиката на МНР, од 2017 година досега 87,5 отсто од лицата пратени во странство се кариерни дипломати – 35 се професионални, а само пет политички решенија. За споредба, во периодот 2006-2017 година тој сооднос бил 42,3 отсто, или 33 кариерни и 45 политички решенија.
извор: МНР
Актуелното раководство на МНР вели дека, исто така, се запазува и искуството на лицата што како дипломати заминуваат во дипломатско-конзуларните претставништва. Шеснаесет амбасадори, кои се пратени оваа година, заедно имале 214 години работен стаж, вели Димитров.

Анализата на МНР следува по реакциите за новите решенија за амбасадори чии имиња сѐ уште официјално не се обелоденуваат зашто не е финиширан процесот на нивно одобрување, односно добивање агреман од земјите каде што се упатуваат на дипломатска служба. Од она што неофицијално се дознава, Дане Талески, актуелниот советник за надворешни работи на премиерот Заев, ќе биде амбасадор во НАТО.