Премиерот Заев во интервјуто, потсетувајќи на компромисот со Грција за промена на уставното име, изразува разочараност и од Европа во целост, за која вели дека кога требаше да ги покаже своите европски вредности – тие не го направија тоа
Блокадата на Бугарија за соништата на Северна Македонија за влез во Европската унија е спротивна на вредностите на Унијата и предизвика многу горчина кај нас, вели премиерот Зоран Заев во интервју за АФП.
Потегот на Софија неделава, да го блокира донесувањето на преговарачката рамка која води до одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Брисел и Скопје, според Заев претставува „непријатно изненадување“.

АФП, објаснувајќи ја основата на потегот на Бугарија, објавува дека Софија сака „нејзиниот мал сосед да ги признае бугарските корени на нејзиниот јазик, народ и историја, пред да дозволи балканската земја да напредува во процесот на пристапување“.
Заев во интервјуто повторува дека секое прашање на македонскиот идентитет е „црвена линија“.
„Тоа е прашање на самоопределување, што е во срцето на европскиот проект. Постои апсурдност во целиот проблем“,
вели Заев за АФП
АФП во интервјуто потсетува дека Северна Македонија веќе се соочи со блокади во евроинтеграциите од Грција, и објаснува дека за да се надмине тој ќор-сокак, Заев постигна „тежок договор со Атина во 2018 година“, со што земјата во името доби географска одредница „Северна“ за да се разликува од грчката провинција Македонија.
„Покажавме колку веруваме во европските вредности“,
рече Заев, повикувајќи се на болниот компромис за промената на името, објавува АФП.
„И сега, кога Европа требаше да ги покаже своите европски вредности – тие не го направија тоа“,
вели Заев во интервју за АФП.