Некои портали објавија дека видеото е постирано од ОК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ во Гази Баба, што веднаш беше демантирано од опозициската партија
Министерството за надворешни работи најостро ја осуди денешната објава на видеото на социјалните мрежи на кое е прикажано палење на знамето на Република Бугарија.
„Најостро го осудуваме овој чин, како евтин и неуспешен обид да се предизвика омраза меѓу граѓаните во двете држави, како и да се нанесе штета на угледот на Република Северна Македонија“,
соопшти вечерва МНР.
Од Министерството истакнуваат дека најкатегорично го осудуваат секој чин на сквернавење на чии било национални симболи и секој друг вид израз на омраза кој не соодветствува со суштинските односи меѓу двете земји.
Притоа, МНР апелира до граѓаните да не потпаѓаат на ваквите провокации, чија намена, како што пишува во соопштението, е очигледно нечесна и во спротивност со стратешките интереси на државата да ги негува и развива добрите односи со соседите.
Осудата од МНР доаѓа откако денеска на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа лица кое го пали бугарското државно знаме, алудирајќи на актуелната состојба во односите.
Некои портали објавија дека видеото е постирано од ОК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ во Гази Баба, што веднаш беше демантирано од опозициската партија.
„Ниту УМС ниту ВМРО-ДПМНЕ стои зад тој ФБ канал, кој патем е формиран пред еден ден и има за намера да го отргне вниманието на јавноста од катастрофата во здравството и политичката криза по добивањето на ветото од источниот сосед“,
пишува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ и се обвинува власта за конструкција.