Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на денешната прес-конференција порача дека партијата смета оти треба да има лидерска средба.
Покрај бугарската блокада за која бараа средба досега, тема би била и кризната состојбата.
„Гледаме дека претседателот на државата закажува Совет за национална безбедност, се шпекулира низ медиумите дека ќе се прогласи кризна состојба, најмалку што треба да се направи е да се свика една лидерска средба на која ќе се разговара во однос на три прашања. Првата работа е здравствената криза предизвикана од коронавирусот, втората е економската криза предизвикана од коронавирусот и третата е блокадата на Македонија во однос евроинтегративниот пат и барањата од Бугарија за национално обезличување на Македонија и на Македонците. Така што таа средба очекуваме да се случи, повикуваме да се случи, тоа е начинот на кој работат паметните држави“,
вели Николоски.
Тој рече и дека клучно за што би се разговарало на една таква лидерска би била и влада за национален спас, која ја предложи ВМРО-ДПМНЕ барајќи оставка од премиерот Зоран Заев.
„Клучната тема на која треба да се разговара на лидерска средба е формирање влада за национален спас која ќе даде одговор на најголемата криза со која Македонија се соочува во овие 30 години, здравствена криза, економска криза и национална криза“,
рече Николоски.
Во меѓувреме, Советот за безбедност одлучи да ѝ препорача на Владата да прогласи кризна состојба, а премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за лидерска средба по бугарското вето, уште еднаш порача дека не смета оти треба да има.
Тој одговорот го даде во однос на спорот со Бугарија и додаде дека лидерска средба само би предизвикала расправии со соседите поради ставовите на опозицијата.
„Во моментов, онака како што е поставена опозицијата, можеме да извлечеме само мотивација за нови кавги. Ако сакам да се скарам со Бугарија, не ми треба Мицкоски за тоа. Тоа можам и сам да го направам. Максимално сме транспарентни, но реториката што ја имаат ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски не е од помош на тоа што го работиме за да ја постигнеме стратешката цел за членство во ЕУ“,
рече Заев.
