Зоран Заев и оваа влада да поднесат оставка и да се формира влада на национален спас, која ќе даде одговори на оваа голема криза во која се наоѓа Македонија. Криза во однос на блокадата на евроинтегративниот пат, но исто така здравствена и економска криза со коронавирусот, побараа и денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателот на партијата, Александар Николоски, рече дека нивниот предлог е да се формира влада за национален спас.
„Тоа е нашиот апел, тоа е нашето барање кое очекуваме СДСМ и останатите политички партии од власта да го послушаат, заеднички да поддржиме влада за национален спас, која ќе ја извади Македонија од, можеби, најголемата криза од нејзината самостојност“,
рече Николоски.
Тој смета дека премиерот треба да се повлече затоа што не се исполнети двете негови клучни ветувања.
Едното е „живот за сите“, но наспроти тоа, вели Николоски, имаме тотална сиромаштија и беспарица. И второто, според него клучно ветување кое доживеало фијаско, е интеграцијата во ЕУ.
„Четири години лажни ветувања дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Четири години Зоран Заев и неговиот тим ветуваат дека ќе почнат преговори, ама никако да кажат на кој датум ќе почнат преговорите за членство во ЕУ. Четири години немаме одговор на едноставното прашање коешто го поставува ВМРО-ДПМНЕ кој е датумот на којшто ќе почнат преговорите со ЕУ“,
рече Николоски давајќи негова ретроспектива на тоа што се случувало во изминатиот период.
