Остануваме посветени да најдеме решение со Бугарија, но не можеме да преговараме за јазикот или идентитетот, рече вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во своето излагање на онлајн-дискусија за евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан.
„Јазикот не може да биде пречка за пријателство ако тоа пријателство се заснова на заемна почит и ние ќе продолжиме да ги убедуваме нашите соседи во Софија дека тоа е така. Не е мудро историјата да стане предмет на разговор меѓу политичарите, тоа треба да им се остави на историчарите. Не можеме да ја смениме историјата, но можеме да ги промениме денес и утре“,
рече Димитров.
Тој додаде дека С Македонија е посветена на обврските што произлегуваат од Договорот за добрососедство и укажа на тоа дека постојат два „магнети“ што ги привлекуваат македонските граѓани кон Европската Унија.
„Првиот е просперитет и е поврзан со заедничкиот европски пазар. Вториот е европските вредности, како што се демократијата, владеењето на правото, независни судии, борба против корупцијата, отчетност, слободни медиуми, чист воздух и вода. Секогаш кога се прават компромиси во однос на вториот магнет, ЕУ станува помалку привлечна“,
рече Димитров.
Тој додаде дека владеењето на правото е нешто на што постојано треба да се работи.
Дискусијата се одржа онлајн, а беше во организација на Европскиот балкански фонд и Данскиот институт за надворешна политика.