Иницијативата за оценување беше поведена за да се разреши дилемата дали поранешниот претседател Ѓорге Иванов можел да го повлече помилувањата за 56 лица во 2016 година, повеќето опфатени во предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство
Уставните судии со пет гласа „за“ и три „против“ на денешната седница донесоа одлука да се запре постапката за оценување на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година, бидејќи смета дека тој е исцрпен и веќе не се применува, затоа што важел во рок од 30 дена.
Иницијативата за оценување беше поведена за да се разреши дилемата дали поранешниот претседател Ѓорге Иванов можел да го повлече помилувањата за 56 лица во 2016 година, повеќето опфатени во предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство.
Овој член од Законот предвидува претседателот на Републиката да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон, при што претседателот не е должен да ја образложи одлуката.
Со оваа денешна одлука на Уставен суд практично продолжуваат да се процесуираат сите предмети на СЈО, затоа што аболицијата на Иванов се однесуваше на осомничени и обвинети од СЈО.
Тие ја тужат државата во Стразбур за кршење на човековите права со тврдење дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече. Но со денешната одлука, Уставниот суд одлучи дека тоа останува.
Иницијативата за оцена на уставноста на овој член беше поведена за да се одлучи дали поранешниот претседател Ѓорге Иванов можел да ги повлече помилувањата што ги даде за 56 лица во 2016 година.
Предметот за помилувањата во Уставниот суд беше отворен во ноември лани. Но, тогаш одлучувањето беше одложено од неколку причини, меѓу кои и тоа што на дел од судиите им требаше време да го разгледаат, но и затоа што во Собранието беше поведена постапка за автентично толкување на членот 11.
Што предвидуваат членовите 11 и 11-а?
Членот 11 од Законот за помилување му дава дискрециско право на претседателот на државата да даде помилување без да спроведе постапка за помилување, а членот 11-а, пак, предвидува дека тој во рок од 30 дена може да го поништи помилувањето.

Иванов во 2016 година им даде помилувања на 56 лица, повеќето опфатени во предметите на сега веќе згаснатото СЈО, но по бурните реакции во јавноста ги повлече и од тие причини беше додаден членот 11-а. Пред Уставниот суд се оспоруваше токму можноста на претседателот да ги повлече помилувањата.
За да се спречи „воскреснување на амнестијата“ во Собранието на крајот на минатата година, во период кога беше отворен предметот во Уставниот суд, се иницира постапка за автентично толкување на членот 11.
Тогаш Законодавно-правната комисија во минатиот парламентарен состав со мнозинство одлучи дека барањето за автентично толкување не е оправдано бидејќи членот 11, кој на претседателот му дава дискрециско право да помилува, воопшто и не постои.
Објаснувањата беа во насока дека тој член бил дел од Законот за помилување од 1993, но во 2009 година бил укинат со измени во Законот. Во 2016 година таквите законски измени паднаа на Уставен суд, но според пратениците тоа не значи дека по автоматизам и членот 11 се враќа во сила.
Членот 11-а, пак, беше донесен за да се овозможи Иванов да ги повлече помилувањата по бурните реакции во јавноста.
Ставот на владејачкото мнозинство во претходниот состав беше дека Уставниот суд треба да се занимава со прашањето, дали воопшто бившиот претседател имал можност да помилува, а не дали може да го повлече помилувањето.
„Зошто бевме принудени на една ваква постапка? Во суштина, членот 11 не постои, затоа што таа одредба е содржана во законот од 1993 година и таа одредба му дава право на претседателот без постапка да донесе поединечен акт за помилување. Во 2009 година се измени Законот за помилување со кој ваквата одредба се укина. Но, во 2016 година Уставниот суд го укинува Законот за измени на Законот за помилување од 2009. Претседателот на државата, тогаш Ѓорге Иванов, претпоставил дека укинувањето му дава право да се повика на членот 11 од 1993 година и помилува 56 лица. Тогаш дојдовме во ситуација на притисок од целата јавност и некој сметаше дека таа грешка може да се исправи со вметнување на членот 11-а. И така и се случи. Сега во Уставниот суд имаме иницијатива за оценување на одредбата 11-а. Уставниот суд не се занимава со суштински прашања, дека претседателот немал надлежност да помилува, туку сега наеднаш решава дека треба да ја цени уставноста на членот 11-а“,
објасни пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева, на седницата на Законодавно-правната комисија лани во декември.
Помилувањата често досега беа тема и на судските рочишта во предметите што ги покрена СЈО, на кои одбраната настапуваше со тезата дека еднаш дадено помилување не може да се повлече. За ова дел од обвинетите покренаа и постапка против државата пред Судот за човекови права во Стразбур, каде што постапката е во прва фаза, односно во фаза кога државата треба да испрати одговор до Стразбур.
Маричиќ очекува Уставен да ја расчисти ситуацијата со помилувањата од Иванов