Освен ефикасноста, друга важна работа се издвојува кај вакцината на „Модерена“ – не бара чување на екстремно ниски температури
Фармацевтската компанија „Модерна“ денеска објави дека ефикасноста на нејзината експериментална вакцина против коронавирусот е 94,5 проценти, а информациите се базираат на последната фаза од клиничкото тестирање.

Ова е втора американска компанија во последните седум дена што соопшти дека развила вакцина со висока ефикасност против ковид-19. Претходно од „Фајзер“ информираа дека ефикасноста на нивната вакцина е нешто повеќе од 90 проценти.
Освен ефикасноста, друга важна работа се издвојува кај вакцината на „Модерена“ – не бара чување на екстремно ниски температури, туку е стабилна на температури од два до осум степени 30 дена и може да се чува на температура од минус 20 во период од шест месеци.
За разлика од неа, вакцината на „Фајзер“ мора да се чува на минус 70, додека руската „спутник V“, која е ефикасен 92 проценти, може да се чува на минус 18 Целзиусови степени.
„Модерна“ дојде до овие резултати врз основа на тестирање на 30 000 волонтери, а се чека уште американското регулаторно тело за здравство да дозволи употреба на вакцините.
Успехот на Модерна го искоментира и Ентони Фаучи, водечкиот американски експерт за заразни болести.
„Ова се очигледно многу возбудливи резултати. Тешко дека може да се добијат подобри резултати од ова – ефикасноста од 95 отсто е навистина извонредна“,
изјави тој за Си-ен-ен.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пред два дена, во своето прво појавување во јавноста по повеќе од една недела, објави дека во рамки на неговата програма за одговор на пандемијата со коронавирусот операција „Исправање на кривата“ до крајот на годината ќе има две вакцини и два лека и притоа ги спомена тие на компаниите „Фајзер“ и на „Модерна“.