Бесплатни тестови за ковид-19 за сите странски државјани што треба да го продолжат престојот во земјава, а се сместени во домашните хотели, како и итни протоколи за работа доколку некој од нив е позитивен, побара Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.
„Во отсуство и неможност за користење вообичаени маркетинг-активности, бесплатните ковид-тестови треба да послужат како промоција, поттик и олеснување на бизнис или туристичката посета во нашата држава. Воедно ќе помогнат за поголема контрола и увид во ширењето на вирусот, со што приоритет останува заштитата на јавното здравје. Сметаме дека со нив ќе му се помогне на бизнис-секторот, посебно на странските компании кои работат во државава, но и директно ќе се помогне на туристичко-угостителскиот сектор за долгорочно да ја адаптира својата понуда за оперирање во услови на пандемија и со тоа да ја зголеми својата економска активност“,
рече заменик-претседателот на Здружението на угостителството и туризмот, Александар Кузмановски.
Според Здружението, на туристичкиот сектор во овој момент му е неопходно брзо дејствување со системска поддршка од државата – веднаш да се почне со промоција на туристичката понуда и да се скратат административните бариери посебно за земјите од кои традиционално доаѓаат гости.
Кузмановски укажа и на потребата од итно изготвување и објавување стандардизирани информации, со јасни и недвосмислени правила за влез и излез од државава, како и пропишани мерки во време на пандемија кои ќе се однесуваат на сите што доаѓаат и престојуваат во земјава.
Информациите, напомена Кузмановски, треба да бидат објавени веднаш, на неколку светски јазици, на официјалните страници на министерствата за надворешни и за внатрешни работи и на сите релевантни државни институции, преку мрежата на економската дипломатија, како и на веб-страниците на македонските амбасади.
Претседателката на Здружението на угостителството и туризмот, Ана Таневска Ѓорѓиевска, го повтори апелот од минатата недела – дека хотелиерите имаат проблем со примена на мерката за поддршката за платите поради што бараат законски измени.
„Голем број хотели во државата ќе бидат принудени времено да ги затворат своите објекти, а вработените да ги пријават како невработени ако не се направат измени во Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од корона кризата во делот на платите за октомври, ноември и декември 2020“,
потенцира Таневска Ѓорѓиевска.
